Александер Исак цело лето се обидува да издејствува заминување од Њукасл, навивачите се бесни па и на синоќешниот меч со Ливерпул ечеше „Исак е стаорец“ на трибините на „Сент Џејмс Парк“, но управата на клубот упорно се обидува да го задржи најдобриот стрелец. Фактот дека Њукасл на пет дена до крајот на преодниот рок не донесе ниту еден класичен напаѓач е јасен знак дека „црно-белите“ не се откажуваат од Исак, а последните информации говорат за напредок во ситуацијата која предолго беше заладена.
Имено, косопствениот на клубот Џејми Рубен заедно со директорот Хакобо Солис и со делегација на ПИФ (Саудискиот фонд кој раководи со Њукасл) во текот на вчерашниот ден дошле во домот на Исак при што имале разговор со шведскиот голгетер што траел подолго од еден час.
Детали не се обелоденуваат во јавноста, но кај раководството на Њукасл постои зголемен оптимизам дека Исак би можел да го промени ставот, да се извини пред тренерот Хау и соиграчите и потоа да се приклучи на тренинзите. Неофицијално, управата е подготвена да му даде нов договор во кој ќе има клаузула за трансфер следното лето, кога Швеѓанецот би можел да си ја исполни желбата и да си замине од „Сент Џејмс Парк“.
Останува да ја видиме разврската до крајот на овој преоден рок, бидејќи ако Ливерпул не се врати со нова понуда од околу 150 милиони фунти (сума што ја бара Њукасл, што „црвените“ е малку веројатно дека ќе ја платат), Исак ќе се најде во тешка ситуација — да го продолжи штрајкот и да биде казнет драстично од сегашниот клуб или да се извини и да почне со тренинзи и натпревари во црно-белиот дрес.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА

