Претседателот Мукаетов и РФМ ги пречекаа ракометните хероини (ФОТОГАЛЕРИЈА)

Раководството на Ракометната федерација на Македонија, денеска оствари средба со ракометарките и со стручниот штаб на женскиот сениорски национален тим.
Средбата беше организирана непосредно по враќањето на женската ракометна репрезентација од Баку, каде во рамки на квалификацискиот циклус за пласман на ЕП, со победа над домаќините, обезбедија пласман на следното ЕХФ ЕВРО што ќе се одржи во Австрија, Унгарија и Швајцарија.

Претседателот на РФМ, Живко Мукаетов, се заблагодари на ракометарките и на стручниот штаб за севкупното залагање и придонес за пласманот. Напоменувајќи притоа, дека во овој квалификациски циклус се отиде чекор напред, покажаа дека вредат и местото им е учество на завршниот континентален турнир.

Имајќи предвид дека женската ракометна репрезентација успеа да се пласира на ЕП преку квалификации по цели 12 години, УО на РФМ претходно донесе одлука за пласманот на ЕП женската национална селекција да добие награда во износ од 2 милиони денари. Ова ќе биде седмо учество на ЕП, а второ последователно откако во 2022 година Скопје беше домаќин на Европското првенство. Последниот натпревар од квалификацискиот циклус со селекцијата на Литванија, ќе се одигра на 7. април (недела) од 18 часот во СЦ „Борис Трајковски” , а влезот во салата е слободен.

Се вчитува...