Претседателот на Славија: Која е бре таа Македонија, вчера стана држава, ако стравуваме од нив воопшто да не играме фудбал (ВИДЕО)

ЕКИПА во Разград,

Владимир Булатовиќ

Бугарскиот селектор Јасен Петров на денешната прес-конференција во Разград јасно нагласи дека фудбалската игра треба да остане далеку од политиката, а на теренот на спортски начин да се докажува квалитетот.

Сосема еднакво размислуваат и легендите на бугарскиот фудбал Емил Костадинов, Христо Стоичков и Димитар Бербатов во изјави за бугарските медиуми. Но, очигледно во бугарскиот фудбал ги има и оние желни за провокации пред утрешниот натпревар на Бугарија и Македонија на стартот од новата сезона во Лигата на нации.

Претседателот на софиска Славија, Венцислав Стефанов дрско, во изјава за Бугарската национална телевизија, вели дека Бугарија не смее ниту да размислува да стравува од Македонија и мора на утрешниот натпревар да победи.

„Ние сме 100% фаворити за првото место во групата во Лигата на нации. За што ние овде разговараме. Па, која е бре таа Северна Македонија!? Вчера стана држава… Од кого ние тоа стравуваме. Па ако стравуваме од репрезентации како Северна Македонија, Грузија и Гибралтар воопшто и да не играме фудбал. Да си играме некои детски игри…“ – вели Стефанов за БНТ.

Стефанов е препознатлив во бугарскиот фудбал по своите контроверзни испади, па за познавачите на состојбите кај источниот сосед воопшто не изненадуваат и изјавите пред дуелот со Македонија, иако поголемиот дел фудбалски работници се свесни дека за Бугарија ќе биде тежок дуел.

Се вчитува...