Претставена официјалната топка за СП 2018 во Русија – Телстар 18

„Адидас“ на светот му ја претстави официјалната топка за Светското фудбалско првенство што ќе се одржи наредното лето во Русија – „Телстар 18“. Топката за СП 2018 е креирана по примерот  на првата „Телстар“ топка на „Адидас“ користена во 1970 година на СП во Мексико, како и четири години подоцна на СП во Германија. Името на оригиналната топка „Телстар“  всушност е кратенка од „star of televison“, со оглед на тоа дека СП во Мексико беше првото фудбалско првенство пренесено низ целиот свет преку телевизија.

Оригиналната „Телстар“ од 1970 година била направена со дополнителни црни панели за да се истакнува топката на црно-белите телевизиски преноси, со што засекогаш го промени дизајнот на фудбалските топки. „Телстар“ во легендата ја испратија фудбалските великани Пеле и Кројф кои ги одбележаа овие светски првенства.

Класиката сега е оживеана во новиот дизајн на панелот со металик принт и ефект на графичка текстура со примена на најмодерната технологија во производството на топки.

adidas-telstar-2018-world-cup-ball-2

„Телстар 18“ го соединува најдоброто од „Бразука“, која беше официјална топка на СП 2014 со најновите технолошки достигнувања. Направена е да обезбеди ефикасност на теренот на стадион, но и на улица, по што „Телстар 18“ се разликува од претходните официјални топки.

Прв пат во историјата во официјалната топка за СП е вградена технологија со НФЦ чип, со што „Телстар 18“ станува најиновативна топка во историјата на фудбалот. Вградениот чип во топката овозможува интеракција со топката со помош на мобилен телефон при што корисникот добива пристап до ексклузивни содржини и персонализирани информации.

Репрезентациите на Аргентина, Колумбија, Мексико како и дел од најугледните клубови како Манчестер јунајтед, Јувентус, Реал Мадрид и Ајакс учествуваа во процесот на тестирање за да се провери дали топката ги обезбедува сите потреби на најдобрите играчи во светот.

Се вчитува...