Пријавувањето за планинската трка „Охрид Ултра-Треил“ се затвора на 7. септември

Охрид Ултра-Треил® е меѓународен спортски настан во природа кој се одржува годишно во Националниот Парк Галичица и Преспанско-Охридскиот регион. Второто издание опфаќа 3 трки во планинско трчање со различни должини од 18км, 66км и 107км и е закажан на 18-20 септември 2020 година. Пријавувањето за учество во една од трките на „Охрид Ултра-Треил®“ се затвора на 07.09.2020. 

„Досега пријавени се 202 натпреварувачи од 23 земји – ова е одлична бројка, во регионални рамки, на учесници во вакви т.н. „специјализирани“ настани, земајќи ја в предвид корона кризата. Во месец март, дури 70% од пријавените беа странци, но поради воведените ковид-19 ограничувања при патување низ Европа, се поверојатно е дека, годинава, повеќето странци нема да може да учествуваат на трката. Сепак, нив ги очекуваме во уште поголем број во 2021 (доколку границите се отворени нормално) бидејќи меѓународната заинтересираност за Охрид Ултра-Треил апсолутно ги надмина сите наши очекувања“– информираше директорот на трката Дејан Крле.

Уникатното што натпреварувачите ќе го доживеат за време на учеството во една од трките на Охрид Ултра-Треил® е самиот престој во Националниот Парк Галичица кој претставува релативно ограничено подрачје со многу богата биолошка разновидност и висок степен на хетерогеност и ендемизам. Токму Стара Галичица (со највисоки врвови Кота 10 и Магаро, каде што поминува рутата на трките од 107км и 66км) е срцето на Националниот парк и како комплексна целина, заедно со Охридското и Преспанското Езеро, се смета за навистина многу вреден локалитет во глобални рамки.

Охрид Ултра-Треил® е меѓународна планинска трка која е организирана од здруженијата „ТРЕКС“ од Скопје и „Спорт за сите –  сите за спорт“ од Охрид, по безбедносни критериуми според ITRA (International Trail Running Association www.itra.run) каде сите финишери се стекнуваат со квалификациски поени за најпозната светска трка во планинско трчање Ultra Trail du Mont Blanc® на Алпите. Настанот е под покровителство од Преспа-Охрид Нејчр Траст (ПОНТ), Општина Охрид, Агенцијата за млади и спорт, Делегација на Европската Унија во Р.С. Македонија, и е поддржан од Претседателот на Републиката, Г-динот Пендаровски.

Се вчитува...