Приказната наречена Momata Rock Trail

Приказната за раѓањето на планинската трка Momata Rock Trail своите романтични корени ги влече од дружбата и духовната припадност кон планините, висините, спортскиот дух и физичките предизвици на двајца ентузијасти и непоправливо страсни вљубеници во природата и дивоста. А се материјализираше на падините од Селечка Планина, инспирирана од култната карпа наречена Момата, која достоинствено ги краси ниските делови на Селечка, над селчанскиот манастир.

Momata Rock Trail е планинска трка со динамичен интензитет, пред сè поради својата должина од 21 километар, и релативно предизвикувачки висински профил со вкупна позитивна надморска висина од 1.100 D+.

Лоцирана е на западната падина и дел од сртот на Селечка Планина, по делници кои истовремено нудат одличен терен за планинско трчање и услови за прекрасни глетки на околината од Прилеп со остатокот од неговите планински и врвични горделивци, дел од Пелагонија и многу пошироко, од едната страна, и дивата убавина на мариовскиот „згаснат вулкан“ од друга страна, со раскошен поглед кој се протега до планините Ниџе и Кожуф, кога се движите по секторот кој е трасиран по сртот од Селечка.

Почетокот на патеката е сместен во преддворјето на манастирот „Свети Димитрија“, над село Селце, во долниот дел од пазувите на Селечка, среде јаркиот воздух прочистен од боровата шума околу и над манастирот.

Потоа, по комбинација од благи и нагорнини и надолнини, се заобиколува ридот Топташ, за после тоа патеката да почне да навлегува во висинскиот и најитензивен дел. Најпрвин, тргнувајќи по изохипса, се врви секторот „Домаќинско чешмуре/Рикино меанче“,

во кој се поминуваат две чешми и ќе има еден контролен пункт. Оттаму се пружа фантастичен поглед на профилниот изглед на Момата, а патеката се движи кон карпата поминувајќи точно до неа. Потоа продолжува излегувајќи пред другиот профилен поглед на Момата, со што се комплетира импресијата од оваа антропоморфна карпа. Патеката потоа продолжува нагоре, со динамчен висински профил, кон домот „Томе Темелкоски“, каде е лоциран вториот контролен пункт.

После тоа следува еден краток рамен дел и брз спуст накај месноста Казанташ, а после тоа и последниот искачувачки дел од таа делница, по кој се стигнува до сртот од Селечка, со заобиколување на 1.568 метри високиот врв Ќуле, по што патеката се упатува во јужен правец, по релативно рамен терен.

По завршувањето на оваа делница од патеката, следува спуст кон местото наречено Дуна Нива, своевиден превој помеѓу Селечка и нејзиниот братски огранок, ридот Мечка. Од овој дел спустот по добра патека продолжува до месноста над селото Селце, од каде патеката скршнува во десно и завршува во манастирското преддворје, на стартно-целниот пунктум.

 

Се вчитува...