Проблеми со визата: Зивчевиќ нема да игра на „НБА Африка“

Ненад Зивчевиќ нема да биде во можност да настапува за мароканскиот првал Сале на претстојното издание на „НБА Африка“, во премиерната година на ова новоформирано натпреварување во коорганизација на НБА-лигата и на ФИБА.

Крилниот кошаркар неодамна потпиша за Сале и требаше да биде значаен адут на овој тим во битката за африканскиот кошаркарски трон на натпреварувањето што на средината од овој месец ќе се одржи во Руанда. Сепак, непосредно пред тргнувањето на пат било утврдено дека Зивчевиќ имал проблеми со визата, поради што македонскиот кошаркар нема да може да настапува за Сале.

„Искрено ми е жал што нема да настапам на НБА Африка, но едноставно не постоеше начин да отпатувам за Руанда. Пропустот е при издавањето на мароканската виза, па доколку го сторев тоа, потоа при враќањето назад во Мароко ќе морав да бидам депортиран од државата. Поради тоа, по консултациите со управата на клубот се договоривме додека тимот е во Руанда јас да останам овде и да работам индивидуално, па потоа да бидам дел од екипата со која ќе ја браниме титулата во мароканското првенство“, изјави Зивчевиќ.

Се вчитува...