Проблемот решен, второлигашите ќе добијат ваучери

Кризата околу добивање на ваучери за второлигашките екипи конечно ќе биде надмината, откако е решена и последната пречка за екипите од вториот ранг на натпреварување да можат да имаат корист од оваа мерка за државна помош во спортот. Информацијата за ЕКИПА беше потврдена од страна на Здружението на кошаркарски второлигаши, кое беше вклучено во преговорите со Агенцијата за Млади и Спорт.

„Долгите преговори и состаноци на второлигашите со Директорот на АМС вродија со плод. Апликацијата за спортски ваучер е доставена до сите второлигашки клубови, кои самите треба да ја пополнат до полнеделник. Потоа комисијата од КФСМ ќе ги разгледа сите апликации и ќе ги препрати до АМС, за клубовите во најкратко време да ги добијат своите ваучери. Благодарност до сите второлигаши кои заеднички делуваа експедитивно и рационално во целиот овој процес. Исто така, голема благодарност до федерацијата за поддршката што ја добивме во целиот овој период, како и до директорот на АМС, Дарко Каевски, кој секогаш беше достапен и недвосмислено сакаше да помогне во надминувањето на овој проблем“ – изјави претседателот на Здружението на второлигаши, Благоја Кечовски.

Останува да се види разврската кога станува збор за ракометните клубови, кои најавија дека ќе го бојкотираат стартот на првенството, закажан за овој викенд. Неколкуте одложувања и неисполнети ветувања во изминатите месеци придонесоа ракометните колективи да се решат за ваков чекор, па Првата лига и младинските лиги речиси сигурно ќе бидат одложени се додека клубовите не ги добијат посакуваните ваучери.

Се вчитува...