Продолжува агонијата на Металург со уште една катастрофа во ЛШ

Нов пораз, старите проблеми за Металург и на гостувањето во Данска. Македонскиот вицешампион загуби од Силкеборг со 33-25 и го запиша четвртиот пораз во четвртиот натпревар од групната фаза во Лигата на шампионите. Младите „металурзи“ беа во аутсајдерска улога во дуелот со данскиот тим кој на крај очекувано стигна до третиот триумф сезонава.

Металург во нападот предводен од Халил Јагањац, во првите дваесетина минути успешно држеше чекор со домаќинот. Во 20 минута „металурзи“ дури имаа и три гола предност, откако направија серија од 5-1 и поведоа со 11-13.

Но, водството против многу поискусниот дански противник како да ги уплаши младите играчи на Металург. Домаќините одговорија со подлабока формација во одбраната и успеаја да ги исфрлат „металурзи“ од ритам. Пад на концентрацијата, неколку избрзани потези во нападот и лесно загубени топки на Металург, брзо го вратија домаќинот во резултатска предност. Силкеборг знаеше да го искористио падот во играта на Металург и со четири гола во серија повторно се врати во позитива (15-13). Мартин Томовски одбрани еден напад и колку-толку го спречи противникот да се одлепи со уште  поголема предност, па резултатот на полувремето беше 16-14.

Во второто полувреме повторно се појави старата болка на Металург, несигурност и немоќ, „црни“ минути на стартот и серија на противникот за водство од 19-15.  Сепак, и во овие моменти на неефикасност во нападот, добро функционираше одбраната на Металург и во прв момент, го спречи домаќинот да се одлепи на поголема разлика.

Но, одбраната и интервенциите на Мартин Томовски не можеа во целост да ја компензираат блокадата и неефикасноста во нападот на Металург и 11 минути без реализација. За тоа време, Силкеборг направи серија од 4-0 и водство од 24-17 на стартот од последната четвртина. Нервозната реакција на Данило Брестовац по црната серија на Металург, му донесе црвен картон. А да биде дитуацијата уште потешка, Мартин Серафимов не успеа да релизира седмерец.

Во завршните десет минути, Силкеборг влезе со највисоки + 9 (27-18). А, како што растеше предноста на домаќинот така растеше нервозата во Металург. По Брестовац, на „клупата за казнети“ надвор од теренот во 53.минута се пресели и Мартин Велковски со црвен картон по третото исклучување.

Завршните пет минути беа рутинска работа за домаќинот кој на крај запиша уште една „ефикасна“ победа со над 30 гола и мачење за Металург со по некој погодок.

Халил Јагањац беше најефикасен кај Металург со 10 гола, Јохан Хансен го предводеше нападот на Сиулкеборг со шест погодоци.

Нова шанса за  првите бодови сезонава во ЛШ, Металург ќе ги бара во следното коло на 13 октомври кога му гостува на Чеховски медведи.

Се вчитува...