Пролет реди победи во плејаут, лесен триумф и на Струга

Пролет останува со максимален ефект во плејаут-натпреварувањето во ракометниот шампионат откако скопскиот клуб славеше со 20-24 на гостувањето против Прилеп, одмаздувајќи му се на овој ривал за поразот во првиот круг од натпреварувањето.

Избраниците на тренерот Лембанов максимално мотивирани влегоа во мечот, одиграа цврсто во одбраната, што им го донесе и посакуваниот резултат. Уште во раната фаза Пролет поведесо 3-7 и потоа го контролираше резултатот до самиот крај. Прилеп се приближи на само еден гол негатива (16-17), но одбраната на Пролет профункционира кога беше најважно и скопјани прокнижија нови бодови.

Десното крило Димов го одигра својот најдобар меч сезонава со седум гола за Пролет, пет постигна Џонов, а Шокоски беше прв стрелец на Прилеп со седум постигнати погодоци.

Рутински триумф денеска забележаа ракометарите на Струга, кои лесно славеа над Радовиш со 28-20. Првото полувреме мина во израмнета битка, стружани на одмор заминаа со водство од 12-10, но потоа фуриозно го стартуваа вториот дел, набрзина поведоа со 18-12 и си го трасираа патот до победата.

Владан Кастратовиќ со седум гола беше предводник на победничкиот состав, додека кај Радовиш најефикасен беше Каковски со пет погодоци.

Се вчитува...