Прв триумф за Работнички, Ѓурѓевиќ ја нокаутира Беласица

Работнички стигна до првата победа во новата сезона откако на арената „Тодор Проески“ ја совлада Беласица со 2-0. По несреќниот пораз на стартот од Македонија ЃП во самиот финиш, „романтичарите“ се рехабилитираа против новиот прволигаш Беласица. Новото засилување за нападот, Фахрудин Ѓурѓевиќ, беше стрелец на двата гола за составот на Ратко Достаниќ во 38.минута и во 50.минута од мечот.

Работнички беше подобар ривал во текот на целиот натпревар, а првата шанса ја имаше капитенот Горан Силјановски во десеттата минута. Зука шутираше, голманот на Беласица, Дејан Силјаноски, ја одби топката, натрча Горан Силјановски, но повторно шутираше во чуварот на мрежата на противникот. Потоа се заканија Петковски и Ѓурѓевиќ, а водството стигна во 38.минута.

Кристијан Стојкоски нафрли од левата страна, а Ѓурѓевиќ од прва ја спроведе топката зад грбот на противничкиот голман. Во второто полувреме, Фахрудин Ѓурѓевиќ уште еднаш се запиша меѓу стрелците. По корнерот од десната страна, во 50.минута со удар со глава погоди на вистинското место.

Девет минути подоцна и Петар Петковски беше во убава шанса, но шутираше крај голот.

Беласица по две кола има два порази и негативна гол разлика 0-8.

Се вчитува...