ПРВА ЛИГА, 27. КОЛО: Тетовска пресметка, лидерот пред нова победа, Брегалница на „вадење“ кај „лавовите“

Тетовско дерби е на програмата денеска на 27. коло. Тетовско дерби кое повеќе има значење за Шкендија, која е во битка за Европа идната сезона, а на тетовските „црвено-црни“ им дишат во врат Академија Пандев и Македонија ЃП.

Во актуелниот првак се случија промени на клупата минатото коло. Така местото на Бруно Акраповиќ го зазеде Артим Шаќири, кој оствари победа на гостувањето кај Пелистер, меѓутоа на тој меч тимот на Шкендија доби и опомена дека нешто не е како што треба, затоа што домашните три пати ја погодија пречката од голот на Захов. Сега „црвено-црните“ ќе мора да бркаат победa за да се зацвстат на второто место на табелата.

„Овие натпревари се секогаш посебни, затоа што станува збор за дерби на нашиот град. Предизвикуваат големо внимание кај навивачите, и ја очекувам поддршката од нашите фанови. Добро го познаваме тимто на Ренова, три пати се соочивме со нив сезонава. Одиме на победа. Добро сме подготвени на овој натпревар, атмосферата е добра што владее во тимот после победата во средата“, рече Дашмир Елези, напаѓачот на Шкендија.

Ренова во оваа пресметка влегува по два натпревари без победа, и со пораз од Македонија ЃП минатото коло на свој терен. Што се однесува до меѓусебните дуели, сезонава две победи има Шкендија (една 1:0 и 5:0 во Купот), и еден триумф има Македонија ЃП со 1:2.

Денешното коло почнува во 14 часот, кога играат Работнички и Тиквеш на Националната Арена „Тодор Проески“ во Скопје. И двата тима во добра форма влегуваат во натпреварот. Работнички во средата триумфираше над Брегалница со 0-3, додека Тиквеш на свој терен го совлада тимот на Струга Трим Лум. „Романтичарите“ се чини дека веќе го имаат обезбедено опстанокот, мисијата Европа за нив е невозможна, додека за Тиквеш на секој следен натпревар мора да атакува на триумф за да се обиде да обезбеди директен опстанок.

Покрај Тетово, интересно ќе биде и во Ѓорче Петров. Македонија ЃП втор пат оваа пролет го пречекува составот на Брегалница. Штипјани оваа пролет не се во најдобра форма, а во Ѓорче доаѓаат после катастрофалниот пораз од Работнички во Прилеп. Додека, пак, Македонија ЃП е во одлична форма оваа пролет, добрите настапи го лансираа во топ 4 екипи, и сега тимот на Муарем Бајрами се бори за излез во Европа. Згора на тоа ѓорчепетровци ќе имаат можност и за освојување на трофеј, оној во Купот.

Лидерот Шкупи се наоѓа пред освојување на три бода против Борец на домашен терен. Чаирчани се „острат“ за победа, со кој ќе ги зголемат шансите за освојување на шампионската титула. На четата на Гоце Седлоски нема да и биде лесно, затоа што се соочуваат со тим кој „скина“ бодови на Шкендија и на Академија Пандев во изминатите две кола, благодарение на одбраните на Стефан Јакимовски кој имаше извонредни две партии. Тоа добро го знаат и чаирчани.

„Знаеме дека Борец има добар тим кој успеа да дојде до бод против Шкендија во Тетово. Нема да биде лесно, но подготвени сме за три бода. Очекуваме поддршка од навивачите, тие се нашиот 12-ти играч“, рече Сандеј Адетунџи, напаѓачот на Шкупи.

Во Струга, домашниот тим игра против Скопје. Дека нема да им биде лесно на стружани, покажуваат последните резултати на „пиратите“ кои победија во Струмица над Академија Пандев, а потоа одиграа нерешено со Шкупи на домашен терен. Струга Т.Л., пак, се чини сите карти ги фрли на Купот, меѓутоа ќе мора да внимава и во првенството, да не биде стигнат од Скопје или од Тиквеш па да се најде во ситуација да игра бараж за опстанок.

ДВОЈКИ, 27. КОЛО

Денеска 14:00 ч.:

Скопје: Работнички – Тиквеш

Денеска 16:00 ч.

Струмица: Ак. Пандев – Пелистер

Скопје: Македонија ЃП – Брегалница

Тетово: Шкендија – Ренова

Скопје: Шкупи – Борец

Струга: Струга Т.Л. – Скопје

Standings provided by SofaScore LiveScore

Се вчитува...