ПРВА ЛИГА ПОД ЛУПА: Новиот Вардар продолжи онаму каде што застана стариот, Шкендија се искачи на врвот

Во насока на засилена промоција на фудбалската игра на домашната сцена, ЕКИПА со избор на најдобрите од секоја рунда натпревари од ПМФЛ. Покрај тимот на колото и најдобриот играч, ќе се обидеме да ви ги доближиме и сите најинтересни моменти од секое коло, низ една рекапитулација на настаните.

ТИМ НА 19. КОЛО

Колку и да го смени тимот во зимскиот преоден рок, Вардар тера по старо кога се во прашање резултите. Иако одгра солиден меч против Шкендија, сепак, уште еднаш се покажа дека „црвено-црните“ немаат тим за високи дострели. Јасно е дека опстанокот ќе биде главната цел во оваа пролетна полусезона, меѓутоа за нешто повеќе ќе треба и повеќе квалитет. Исто така е јасно дека за Вардар приоритет во пролетниот дел ќе биде Купот на Македонија, но вардарци ќе мора да мислат и како ќе го изборат опстанокот. Не е доволно само да се одигра солидно, туку мора да се освојуваат бодови. Колку и да делува постабилен од есенскиот дел, овој Вардар повторно ги покажа слабостите во одбраната, и повторно неефикасност во нападот. Шкендија ги искористи своите шанси, и славеше на „Арената“, и така некако ќе се заборави спорниот момент околу пеналот на Вардар откако судиите се решија да го повторат. Со овој триумф тетовските „црвено-црни“ се искачија на првото место, по „киксот“ на Силекс на домашен терен со Тиквеш, и поразот на Работнички. Сега Шкендија заедно со Гостивар и со Силекс го држат врвот. Работнички загуби здив во битката за врвот по поразот на Чаир од Шкупи. Се покажа дека заминувањето на Мазари и на Регба сериозно влијаеше на квалитетот на „романтичарите“. Гостивар, пак, успеа со гол од пенал во судиското надополнување да го урне шампионот Струга ТЛ, и така некако да го оддалечи од битката за титулата. Силекс на свој терен направи „кикс“ и освои само бод во мечот со Тиквеш. Кавадарчани, пак, покажаа сериозни намери во пролетниот дел да заиграат подобро и да дојдат до останување во прволигашката конкуренција.

====================================

ИГРАЧ НА КОЛОТО:  Бесарт Ибраими (Шкендија)

И со 38 години, Бесарт Ибраими ја покажа својата класа. Постигна прекрасен гол во дуелот против Вардар, негов 15-ти против скопските „црвено-црни“. Ибраими иако веќе размислува за пензија, сепак, покажува дека и натаму е еден од најдобрите фудбалери во историјата на ПФМЛ. Можеби не може да издржи цел натпревар, но дефинитивно со еден потег може да реши натпревар, па тој е еден од најсилните адути за Шкендија во битката за титулата.

================================

ТРЕНЕР НА КОЛОТО: Мерт Нобре (Гостивар)
Гостивар го совлада шампионот Струга ТЛ во првиот натпревар од пролетниот дел. Со гол од пенал во судиското надополнување, гостиварци се наметнуваат како сериозни кандидати да му ја „украдат“ титулата на Струга ТЛ. Нобре го внесе Алдаир во вториот дел, а овој изнуди пенал кој во гол го претвори Потук, за голема победа на гостиварци.

==============================

ГОЛ НА КОЛОТО: Бесарт Ибраими (Шкендија)

Едноставно најдобриот стрелец на ПМФЛ во историјата, уште еднаш потврди дека му е рано за пензија. Со прекрасен гол го отвори резултатот против Вардар, а потоа Тамба донесе триумф за тетовскиот тим. Меѓутоа голот на Ибраими беше одличен, и е најдобар во 19. коло во ПМФЛ.

ЛИСТА НА СТРЕЛЦИ 

 

Се вчитува...