Прва радост за јуниорите во Измир: Падна Црна Гора, ќе се води битка за опстанок со Хрватска

Јуниорската репрезентација на Македонија ја забележа првата победа на Европското Првенство што се одржува во Измир, славејќи со резултат 65-62 над селекцијата на Црна Гора. „Црвено-жолтите“ јуниори конечно се израдуваа на триумф на шампионатот, но ова не значи и сигурен опстанок во А-дивизијата, бидејќи за тоа да се случи неопходно ќе биде да се слави и на утрешниот дуел со Хрватска, во спротивно М18 селекцијата во следната година ќе се пресели во понизок ранг на натпреварување.

Денешниот меч донесе израмнета борба во која и двете селекции имаа свои периоди на подобра игра. Македонија беше поквалитетна во првото полувреме и на одмор замина со водство од 32-25. Црногорците одиграа одлична трета четвртина што ја добија со 24-14 и го свртеа резултатот во своја корист, но македонските јуниори не застанаа, продолжија со борбата и со подобра игра во самата заавршница стигнаа до победата.

Клучни се покажаа поените на Шошкиќ на една минута до крајот, кога при резултат 61-62 младиот кошаркар на Работнички погоди „два плус еден“, вртејќи го резултатот во наша полза, а конечните 65-62 со едно реализирано слободно фрлање да ги постави Башоски.

Шошкиќ со 16 поени беше најефикасен во македонскиот табор, Симиќ оствари дабл-дабл од 13 поени и 14 скока, а 13 поени реализираше и Бошалески.

Се вчитува...