Прволигашите едвај се собраа, решение на повидок – нема

Дел од клубовите кои се суспендирани од страна на македонската куќа на кошарката единствен спас гледаа во Здружението на клубови од Прва лига, но по сè изгледа решение, барем во скоро време нема да има.

МКФ уште пред неколку месеци одлучи да ги зголеми цените на лиценците за странски кошаркари, а по бројни состаноци за Здружението на прволигаши и вонредното собрание, последниот рок до кој клубовите требаше да ги исплатат своите долгови измина пред десет дена.

Куманово, Струмица, Кожув и Карпош соколи сè уште имаат долгови кон федерацијата која повеќе нема трпение да ги чека. Клубовите добија суспензија, три од нив веќе службено загубија по еден меч, а ако истото им се повтори ќе следи и автоматска преселба во понизок ранг на натпреварување.

На денешниот состанок на Здружението на прволигашите кворумот беше обезбеден едвај, во ’пет до дванаесет’, но речиси е извесно дека ниту една од одлуките нема да има никакво влијание врз судбината на клубовите. Здружението најави соопштение во кое ќе го пренесе својот став, но тешко е да се поверува дека тоа посериозно ќе влијае врз позициите на МКФ на оваа тема – зголемување на цените за регистрација на странските играчи и целосно подмирување на долговите од страна на сите клубови.

Во најнезгодна ситуација се наоѓа Струмица, бидејќи овој тим веќе в среда го очекува дуел од Купот на Македонија против Гостивар, па доколку струмичани службено го загубат и овој меч, тоа ќе значи автоматско губење на прволигашкиот статус.

Се вчитува...