Прволигашите на сцена: „Лавовите“ одат по третото место, Шаќири и Игњатов почнуваат нови „ери“ во Шкендија и Работнички

Денеска фудбалските прволигаши ќе го одиграат 26. коло од Првата фудбалска лига. На програмата се сите шест натпревари, со тоа што еден почнува од 13 часот, додека пет дуели се играат во 15 часот.

На Автокоманда се игра првиот меч, од 13 часот помеѓу екипите на Скопје и Шкупи. Тимот од Чаир има незгодно гостување, но има и голема предност на табелата и се наоѓа пред освојување на титулата. Во неделата лидерот потешко од очекувањата го совлада тимот на Тиквеш на домашен терен, а, пак, Скопје има многу мотиви пред овој дуел, со оглед дека во него влегува по победата над Академија Пандев и тоа сред Струмица со 1-2.

Првите два меча во сезонава ги доби тимот на Шкупи, кој го совлада својот ривал со 4-1 и 3-1.

„Нема да биде лесен натпревар, играме против екипа која се бори до крај, а тоа го покажа и против Академија Пандев. Ние сме подготвени и продолжуваме понатаму до остварување на нашата цел. Иако сме фаворити на хартија, ќе влеземе максимално во овој меч да победиме и да дојдеме до три бода, секогаш почитувајќи го противникот“, рече Валид Хамиди, играчот на Шкупи.

Второпласираната Шкендија со нов тренер во името на легендата Артим Шаќири, почнува нова ера од Битола, од гостување кај последнопласираниот тим на Пелистер. Пелистерци пролетва покажаа дека може да бидат незгоден ривал, а тоа на своја кожа го почувствува Брегалница која беше поразена во Битола пред две кола, а Македонија ЃП се „намачи“ минатото коло да дојде до бодовите против нив.

Стоперот на Шкендија, Јан Кривак вели дека тимот оди на победа.

„Шкендија секогаш игра офанзивно, без разлика дали е домаќин или гостин. Така ќе биде и во Битола каде што одиме на победа. Имаме некои недостатоци, но мораме да ја вратиме Шкендија онаму каде што и е местото“, рече Кривак.

Најинтересно се очекува да биде во Тетово, каде што Ренова ќе игра против Македонија ЃП. „Гипсарите“ минатото коло пропуштија голема шанса да слават на ФФМ против Брегалница, и не ја искористија предноста од двајца играчи повеќе, земајќи само еден бод. Ренова се бори да ја намали предноста на ѓорчепетровци која во моментов изнесува девет бодови, додека, пак, „лавовите“ имаат повеќе мотиви, односно тие се во трка за третата позиција, чекајќи кикс на Академија Пандев.

„Академците“, пак, по „шокот“ во неделата и поразот од Скопје на домашен терен, денеска гостуваат во Велес и ќе се обидат да се рехабилитираат. И Борец влегува во пресметката со Академија Пандев „осоколен“ по ремито без голови против Шкендија и тоа среде Тетово.

Во Прилеп, на неутрален терен, Брегалница го чека тимот на Работнички. Двата тима се „ранети“ после слабите резултати во пролетниот дел, и посакуваат да фатат победнички ритам во финишот од сезоната. Штипјани во овој дуел влегуваат без Додев и Мојсов, кои на последниот меч со Ренова заработија црвени картони, додека Работнички ќе може да смета на сите расположливи сили. Инаку во таборот на „романтичарите“ ќе дебитира Стојанче Игњатов како прв тренер на екипата, откако Борче Христов доби отказ по поразот од Струга на домашен терен.

Тиквеш ќе брка победа во дуелот со Струга Трим Лум на свој терен. После минималниот пораз на Чаир и судиската грешка, кавадарчани се надеваат дека на свој терен, пред домашната публика ќе победат и ќе ги зголемат шансите за директен опстанок во Лигата.

ДВОЈКИ 26. КОЛО

Денеска 13:00 ч.:

Скопје: Скопје – Шкупи

Денеска 15:00 ч.

Велес: Борец – Ак. Пандев

Прилеп: Брегалница – Работнички

Битола: Пелистер – Шкендија

Тетово: Ренова – Македонија ЃП

Кавадарци: Тиквеш – Струга Т.Л.

Standings provided by SofaScore LiveScore

Се вчитува...