Прволигашката кошарка продолжува: Работнички го пречекува Црн Дрим, Кожув го угостува лидерот Пелистер, Куманово и ТФТ активни во БИБЛ

Прволигашката кошарка продолжува денеска во Скопје и Гевгелија каде ќе бидат одиграни два заостанати натпревари во кои Работнички го пречекува Црн Дрим од 16 часот на „Кале“, додека лидерот на табелата, Пелситер гостува кај Кожув од 17 и 30 во „26ти Април“.

По поразот во последниот натпревар од првиот дел од сезоната, Работнички ќе се обиде да им се врати на победите на дуелот против новалијата Црн Дрим. За „црвено-белите“ ова ќе биде значаен натпревар во однос на престојниот „балон“ во АБА2 лигата.

Интересно ќе биде да видиме со кој состав ќе настапи Црн Дрим на денешното гостување во Скопје. Стружани во новогодишната паузата имаа целосна реконструкција на тимот, заминаа Aтанасов, Зафиров, Делоски, Ристевски и Шчекиќ, додека пристигнаа Мекбрајд, Лефкоски и Узуновски. Неизвесен за денешниот дуел е Коне Сидики, кој по едногодишна пауза се враќа во мак-баскетот.

Кожув е тимот кој одигра најмал број на натпревари во првиот дел од сезоната, само три. „Црвено-белите“ ќе имаат и друг изглед откако ги променија странците во текот на паузата, но избраниците на Александар Јончевски имаа доволно време да ги консолидираат своите редови па ќе биде интересно да ги видиме нивниот изглед на денешниот натпревар против фаворизираниот Пелистер.

За разлика од гевгеличани, „зелено-белите“ во првиот дел од сезоната одиграа шест натпревари во кои забележаа шест победи, а пет од нив беа со повеќе од сто поени. Битолскиот состав е најпријатното изненадување на сезоната, а во Гевгелија, избраниците на Марјан Илиевски патуваат во потрага по продолжување на фантастичната серија.

Покрај овие дуели, активни ќе бидат и нашите претставници во БИБЛ лигата. Куманово е во серија на гостувања во Бугарија, а првиот натпревар против Академик ќе биде одигран денеска со почеток од 17 часот, додека TФТ ќе го пречека составот на Теодо од 19:00.

Се вчитува...