Прволигашките возбудувања продолжуваат со битка за опстанок во Аеродром

Деветнаесеттото коло од Првата лига започна порано од предвиденото поради обврските на АБА-лигашите во последниот „балон“ на регионалното првенство, а во нив МЗТ Скопје успеа да го освои Гостивар, додека Работнички стави крај на низата од седум порази едно по друго со победа над лидерот на табелата Пелистер.

Прволигашките возбудувања продолжуваат денеска од 17 часот со мечот помеѓу МЗТ Скопје 2 и Кожув во СЦ „Јане Сандански“. Овој натпревар е од огромно значење во битката за опстанок, а воедно претставува и враќање на Перо Блажевски во Аеродром каде ја започна сезоната.

Колото ќе биде комплетирано утре со три натпревари од кои два ќе биде исклучително важни во битката за Суперлига. Во директен дуел за неа ќе се сретнат ТФТ и Феникс 2010 од 18 часот на „Кале“, додека половина час подоцна Еуро Никел му гостува на Куманово.

Последниот меч од 19. коло ни носи и дуел за Кисела Вода помеѓу Ангели и Академија ФМП. Првиот меѓусебен натпревар им припадна на „академиците“, а дали избраниците на Митев имаат сили за сензација и спречување на ФМП да избие на третата позиција на табелата останува да видиме.

Се вчитува...