ПСЖ му „украде“ на Ливерпул засилување од 100 милиони евра

Пари Сен Жермен направи голем чекор кон доведување на талентираниот крилен играч Јан Диоманде, откако се согласи на петгодишен договор со репрезентативецот на Брегот на Слоновата Коска.

19-годишниот фудбалер одлучи да ја продолжи кариерата во редовите на актуелниот европски шампион, и покрај сериозниот интерес од Ливерпул.

Англискиот гигант се обиде да го убеди Лајпциг со понуда вредна 100 милиони евра во претходните денови, но германскиот клуб ја отфрли таквата понуда. Сега ПСЖ ја презеде иницијативата, а сè што останува е да се постигне договор со Лајпциг во врска со обештетувањето.

Германскиот клуб му плати на Леганес 20 милиони евра за Диоманде минатото лето и го врза со договор до 2030 година. Првичниот план беше да остане барем уште една сезона, но интересот на европските гиганти би можел да ја промени ситуацијата.

Според француските медиуми, Лајпциг бара околу 130 милиони евра, додека ПСЖ не планира да оди толку високо.

Сепак, се очекува преговорите да продолжат, а Диоманде би можел да стане највисокиот трансфер во историјата на германскиот клуб, надминувајќи го трансферот на Јошко Гвардиол од 90 милиони евра.

Диоманде има одлична сезона зад себе во дресот на Лајпциг, за кој постигна 13 гола и регистрираше 10 асистенции во 36 натпревари во Бундеслигата и Купот на Германија.

Доколку трансферот се реализира, младиот репрезентативец на Брегот на Слоновата Коска ќе ја засили веќе импресивната офанзивна линија на ПСЖ, во која се наоѓаат Усман Дембеле, Дезире Дуе и Квица Кварачелија.

Се вчитува...