Маурицио Покетино се соочува со огромен проблем во пресрет на клучниот дел од сезоната откако Килијан Мбапе заработи повреда на дуелот со Манчестер Сити. Францускиот голгетер се пожали на болка уште за време на мечот, а во изминатите два дена тој воопшто не тренираше, по што беше донесена одлука Мбапе да не биде во тимот за утрешниот натпревар против Ленс.
„Мбапе е повреден. Тој чувствува болка, не може да го даде максимумот на теренот, па не сакавме да ризикуваме да не дојде до уште посериозен проблем. Се надевам дека не е ништо премногу сериозно и дека Килијан наскоро ќе се врати во екипата“, изјави тренерот Покетино на денешната прес-конференција.
ПСЖ влегува во финишот од сезоната со еден бод заостанување зад лидерот Лил, а отсуството на Мбапе дефинитивно ќе биде проблем против Ленс, тим кој е најпријатно изненадување сезонава во Франција и се бори за излез во фудбалска Европа. Исто така, големи се шансите Мбапе да го пропушти и реваншот од полуфиналето во Лигата на Шампионите против Манчестер Сити, на кој „светците“ ќе бркаат негатива од 1-2 по поразот на првиот меч на домашен терен.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА