Дојде до голем пресврт во трансфер-сагата околу Хулијан Алварез. Аргентинскиот напаѓач им призна на своите соиграчи од Атлетико Мадрид дека направил грешка во начинот на кој се обидел да го реализира своето заминување од клубот и трансферот во Барселона ова лето. Во текот на летото, Алварез јавно ја изрази својата желба за промена на средината, а Барселона беше неговата голема желба.
Каталонците покажаа сериозен интерес, спортскиот директор Деко се сретна во Мадрид со неговиот агент Фернандо Идалго, но Атлетико не сакаше да го засили својот директен ривал во борбата за титулата.
Сега Аргентинецот го промени својот пристап. Тој им признал на соиграчите дека погрешил, особено со начинот на кој јавно зборувал за својата иднина за време на Светското првенство.
Во исто време, Алварез му порача на тимот дека е целосно посветен на Атлетико и дека, без оглед на тоа колку долго ќе остане во Мадрид, интересите на клубот ќе бидат пред се друго. Ова практично ја елиминираше можноста незадоволството поради неуспешниот трансфер да прерасне во конфликт со клубот или во одбивање за играње.
Сепак, тоа не значи дека светскиот шампион со Аргентина дефинитивно се откажал од желбата еден ден да го носи дресот на Барселона. Според истиот извор, Алварез пред се ја прифатил реалноста дека не постојат услови за реализација на трансфер ова лето и одлучил целосно да се посвети на своите обврски кај Диего Симеоне.
Атлетико зазеде цврст став во текот на целата трансфер-сага. Клубот не сакаше да остане без еден од своите најважни играчи, особено не преку негово препуштање на директен конкурент во Примера.
По неколкунеделна неизвесност, ситуацијата на „Метрополитано“ значително се смири. Алварез останува на располагање на Симеоне и ја започнува новата сезона со јасна порака до соиграчите се додека го носи црвено-белиот дрес, ќе биде целосно посветен на Атлетико Мадрид.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА
