Работнички на прес-конференција пред неколку дена најави дека следниот викенд ќе одигра ревијален меч со Војводина, дуел со кој требаше да биде одбележан јубилејниот 80. роденден на клубот од „Градски парк“.
„Центарци“ денеска преку соопштение обелоденија дека овој натпревар е откажан, најавувајќи дека дополнително ќе биде утврдено со кој противник ќе биде одбележан овој роденденски јубилеј на Работнички.
„Кошаркарскиот Клуб Работнички АД Скопје ја известува јавноста дека, поради што познаменито и посоодветно одбележување, како и заради повеќе време за посеопфатни подготовки за прославата, големиов јубилеј 80 години постоење на КК Работнички ќе се одбележи во дополнителен термин, а за што навремено ќе информираме.
Начелно, планираме јубилејов да го одбележиме веројатно на некој од почетните првенствени натпревари, во новата сезона, што ќе го одиграме на домашен терен, во спортската сала “Лазар Лечиќ” во Градскиот парк во Скопје, претстојната есен во 2026 година.
Претходната замисла беше јубилејов да се одбележи на контролниот натпревар што ќе го одиграме во салава “Лазар Лечиќ”, во претстојниов викенд против КК Војводина од Нови Сад, Република Србија.
Максимално, со заеднички сили, ќе се потрудиме одбележувањето на јубилејов да претставува достоен голем хепенинг и несекојдневно огромно уживање не само за армијата навивачи и симпатизери на нашиот клуб, туку и воопшто за љубителите на спортот во Македонија“, се вели во соопштението на КК Работнички.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА
