Работнички гостува во Кисела Вода – ќе го одбрани ли Академија ФМП домашниот терен?

Прволигашката кошарка продолжува денеска со дуел од 11. коло во Кислеа Вода каде Академија ФМП ќе го пречека Работнички во обид да им се врати на победите, но и да го одбрани домашниот терен.

Академија ФМП по одличниот старт на сезоната се наоѓа во благ пад на формата, со два пораза на последните два натпревара, па денешниот дуел ќе биде од големо значење за враќање на победничките патишта. Младиот тим имаше време да се подготви за овој дуел, но од таборот на „пантерите“ фаворитската улога му ја препуштаат на најтрофејниот тим, а се надеваат и на изненадување.

„Се надевам дека во иднина сето ова ќе се одвива нормално, како што и треба да биде. Да фатиме еден натпреварувачки ритам во првенството.Работнички е големо име, и доста значи за нашиот млад тим за кого дополнителна мотивација и не е потребна. Мене битно ми е што во последно време трениравме, и ќе играме комплетни. Ќе се обидеме да го изненадиме големиот противник, зошто да не?“ – изјави тренерот на „пантерите“, Александар Петровиќ.

Нашиот најтрофеен тим се наоѓа во густ распоред во кој избраниците на Мираковски патуваат во Бања Лука за „балонот“ на АБА2, па денешниот натпревар ќе биде од големо значење за заверување на формата, поготово по неизвесниот натпревар против новалијата Црн Дрим кој беше одигран пред два дена. „Црвено-белите“ најауваат претпазливост и борба до самиот крај на дуелот.

„Големите промени во начинот на функционирање, не само кај нас, туку и во другите екипи, услови да има и вакви осцилации во играта кои ги прикажавме пред некој ден со екипата од Струга. Можеби е „нормално“ сега, но не и во некои други услови. Без оглед на се, не смееме да си дозволиме таков луксуз. Мора да играме максимално ангажирано против било кој противник, така и против Академија ФМП. Една екипа која е составена, во најголем дел, со млади играчи, желни за игра, со добар тренер кој од нив го вади максимумот. Мора да имаме сериозен пристап, само така можеме да избегаме, односно да не влеземе во дополнителни проблеми“ – изјави бекот на Работнички, Марјан Младеновиќ.

Се вчитува...