Работнички реди победи – израмнети сметките со ТФТ

Работнички ја продолжува успешната серија од изминатиот период откако „центарци“ славеа на дуелот против ТФТ со 78-81, четврта победа во низа на тимот на Димитар Мираковски во домашното првенство. Со овој триумф, Работнички му се одмазди на новиот прволигаш за неочекуваниот пораз на првиот меѓусебен дуел, на кој ТФТ славеше со 73-77.

„Центарци“ го искористија тој пораз за мотивација, па одиграа извонредна одбрана со која целосно го неутрализираа експлозивниот напад на ТФТ. Домаќините во почетните десет минути постигнаа само осум поени, а Работнички стигна до убедливи седумнаесет поени разлика (8-25). Избраниците на Мираковски го контролираа резултатот и во втората четвртина, на одмор заминувајќи со преубедливи 25-46.

ТФТ немаше намера да се предаде, па кошаркарите на тренерот Смилковски одговорија со одличен напад во втората четвртина, во која постигнаа 32 поени (32-16) и ја спуштија негативата на едноцифрена разлика. Драмата продолжи буквално до самиот финиш, ТФТ во последната минута стигна до 76-79, имаше и напад за израмнување, но Харис не беше прецизен во обидот за тројка, по што Работнички од линијата за слободни фрлања стави печат на победата.

Бундовиќ постигна 27 поени со само едно промашување (11/12 од поле), а извонреден беше и центарот Младеновски, кој стигна до дабл-дабл од 14 поени и 18 скокови. Николов со 16 и Харис со 15 поени беа најефикасни во таборот на ТФТ.

Се вчитува...