Работнички тоне, ФМП пак го зеде скалпот на „центарци“

Во првиот натпревар од 11. коло, Академија ФМП, како и претходната година, така и оваа, успеа да го одбрани домашниот терен со победа над Работнички од 75-69. „Пантерите“ одиграа одличен натпревар, го надминаа падот на играта во втората четвртина и успеаја да одиграат искусно во самата завршница. Работнички ни денеска не го служеше шутот, избраниците на Мираковски шутираа со 31% од поле па го запишаа вториот пораз во првенството.

Академија ФМП одлично го започна дуелот. Избраниците на Петровиќ одиграа одлично во одбраната над Питс, со што го нарушија ритамот на „црвено-белите“, а на спротивната страна незапирлив беше Крстајиќ кој забележа 15 поени во првата четвртина. Високата реализација од поле кај домаќините и лошата реализација кај гостите им донесе на „пантерите“ двоцифрена предност по 10. минути игра (24-14). Во продолжението од првото полувреме Работнички заигра далеку подобро во одбраната со што ги оневозможи отворените шута и смири високото темпо на Академија ФМП, ги лимитираше поените од транзиција, а и покрај тоа што не одигра согласно со своите напаѓачки можности, успеа да го намали резултатот на само „минус“ еден (35-34).

Изедначениот натпревар продолжи и на стартот на второто полувреме, а прв мразот го скрши домашниот состав, кој преку добриот проток на топката дојде до отворени обиди кон противничкиот кош, а благодарение на шутот за три поени повторно стигна до двицфрена предност (50-39). Работнички се консолидираше, го искористи бонусот на домашниот тим па преку мирната рака од линијата за слободни фрлања ја намали предноста на 54-50 пред почетокот на одлучувачката четвртина. Агресивната одбрана на избраниците на Петровиќ продолжи да создава проблеми за „црвено-белите“, чии загубени топки „пантерите“ ги претвараа во поени на спротивната страна, па на пет минути пред крајот на натпреварот поведоа со 62-55. Работнички возврати со добра одбрана па резултатски се приближи на самиот крај, меѓутоа недоволно за славје во Кисела Вода.

Најрасположен во домашниот состав со дабл-дабл учинок од 30 поени и 14 скока беше Стефан Крстајиќ, а него го следеше Славчо Темелковски со 14 поени и 14 скока. Предводник на Работнички со 16 поени и 9 скока беше Стефан Балмазовиќ, додека како двоцифрени натпреварот го завршија и Љубомир Младеновски кој додаде 12 поени и 11 скока, како и Ерик Питс и Марјан Младеновиќ кои натпреварот го завршија со по 10 поени.

Се вчитува...