Работнички загуби со убедливи 95-77 на вчерашното гостување против Еуро Никел, но многу посериозен проблем од конечниот резултат за „центарци“ претставува неиграњето на странските кошаркари, кои одбија да настапат во салата „Јасмин“ во Кавадарци.
Четворицата странци отпатуваа со остатокот од тимот, но решија да не му се стават на располагање на тренерот Симиќ. Како што дознава ЕКИПА, причините се добро познати и „традиционални“ кога станува збор за Работнички – доцнење на платите во најтрофејниот македонски кошаркарски колектив.
Ова беше тренд во Работнички и во претходните сезони, но за првпат по подолг период неколку играчи заеднички решаваат да не настапат, оставајќи го тимот на цедило.
На потег сега е управата на клубот, која ќе треба да најде решение за финансиските проблеми, но и да донесе одлука дали да ги санкционира странците. Работнички до крајот на оваа календарска година треба да се сретне уште со Куманово и со МЗТ Скопје 2, па останува да се види дали тренерот Симиќ за овие средби ќе го има на располагање целокупниот ростер или повторно ќе може да смета само на домашните играчи.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА