Работнички се препоти за да го победи Црн Дрим

Работнички им се врати на победите откако на домашен терен славеше над Црн Дрим со 84-81 во заостанатиот натпревар од осмото коло. Гостите од Струга прикажаа добра игра на денешниот дуел, во поголемиот дел од натпреварот го имаа водството, а имаа и шанса да изедначат во последниот обид на натпреварот.

Црн Дрим одлично го започна натпреварот. Благодарение на скокот во напад избраниците на Чочороски стекнаа предност од 4-11 уште на самиот почеток на натпреварот, а добрата игра во која се приклучија и Миса и Арсоски со поени од клупата, резултираа со тоа стружани по 10 минути игра да имаат предност од 21-27. Шутот од далечина не го служеше Работнички во првото полувреме, избраниците на Мираковски реализираа со 27% успешност (5/18), а тоа знаеше да го искористи Црн Дрим. Гостите ги користеа грешки на Работнички, ги претвараа во поени под рекетот на спортивната страна и постојано ги одбиваа налетите на „црвено-белите“, кои со влезот на Питс и Вашингтон на паркетот стигнаа до негатива од два поени (37-39) на средината на втората четвртина. Сепак пресудна за водството на Црн Дрим од 44-50 на полувремето беше серијата од 11-2 на гостинскиот состав од овој момент, покрената од младиот Настовски, кој нанижа осум поени во овој период.

За разлика од почетокот на натпреварот, во второто полувреме Работнички излезе на терен со „проверената“ петорка па набргу влезе во напаѓачки ритам. Избраниците на Мираковски за две и пол минути направија серија од 12-2 и го превземаа водството (56-52), меѓутоа повторно опадна темпото, а пофрли и одбранта. Работнички се мачеше да најде решение за бековската линија на гостите од Струга кои продолжија со поентирање во рекетот, па се врати неизвеноста на натпрварот. До крајот на третата четвртина се играше „кош за кош“, а по 30 минути игра резултатот гласеше 67-65. Неизвесниот натпревар траеше се до последната минута од натпреварот и покрај тоа што на средината на последната четвртина „црвено-белите“ ја стабилизираа играта на двата дела од теренот и покренаа серија од 10-0, со што стигнаа до предност од 82-71. Избраниците на Чочороски не се предадоја, возвратија со иста мера и преку офанзивниот скок стигнаа до негатива од само еден поен (82-81) на 22 секунди до крајот, по што следеше „пенал-завршница“ во која мирната рака на Балмазовиќ го донесе конечниот резултат.

Најрасположен во домашниот тим со 23 поени и 10 скока беше Стефан Балмазовиќ, додека Девон Вашингтон натпреварот го заврши со 16 поени и 6 скока. Кај гостинскиот состав прво име со 27 поени и 4 асистенции беше Џејмс Каухерд, додека Андреј Настовски додаде 17 поени и 2 украдени топки.

Се вчитува...