Дарко Радуловиќ од денеска повеќе не е тренер на МЗТ Скопје откако младиот стратег доби отказ од функцијата по поразот во финалето од Купот на Македонија од тимот на ТФТ.
Радуловиќ се осврна на периодот што го мина како шеф на стручниот штаб на „металците“, дванаесет месеци во кој успеа да стигне до три трофеи.
„Со МЗТ Скопје Аеродром како главен тренер сум од март 2021 година при што од тој момент во сите натпреварувања во рамките на македонското првенство, Купот и Суперкупот и на регионалната АБА 2 лига имаме резултат 44 победи и 13 порази, односно освоени Куп и првенство во сезоната 2020/21 и освоен Суперкуп пред почеток на сезоната 2021/22. Вклучувајќи го Купот оваа сезона, со МЗТ Скопје Аеродром стигнавме до 4 финалиња од кои во 3 го кренавме победничкиот пехар. Со сите играчи и стручниот штаб се вложивме максимално, неуморно и создадовме неверојатна тимска хемија заснована на меѓусебна доверба и почит, како меѓу самите играчи така и во односот играч-тренер во кој сепак се почитуваше хиерархиската поставеност“, истакнува Радуловиќ.
Еден од клучните фактори за неуспехот во Купот на Македонија беше слабоста на плејмејкерската позиција, која ќе беше избегната доколку во клубот останеше Дастин Вер, еден од лидерите на тимот во првиот дел од сезоната.
„Поради неисплатените обврски кон играчите со доаѓањето на новата управа на почетокот на оваа година, се создаде недоверба кај играчите и тоа резултираше со заминување на Дастин Вер и покрај нашиот добар однос и меѓусебната доверба. Ова претставуваше сериозен удар за круцијалната позиција во тимот (плејмејкер) или „генералот на теренот“, по што бевме ставени во незавидна ситуација да бараме играч на пазарот за неверојатно краток период (2-3 дена) и тоа во делот од сезоната кога квалитетните играчи се врзани со договори, а сето ова непосредно пред вториот балон на АБА 2 лигата и Куп натпреварувањето. И покрај тоа, продолживме со успешни настапи и победи во двете натпреварувања, но отсуството на Вер беше повеќе од очигледно, а тоа дополнително влијаеше и на целата екипа. Но, оваа екипа се борела максимално и секогаш целела кон врвот на остварување на највисок пласман во сите натпреварувања за што говорат и резултатите на табелата, и покрај неверојатно густиот распоред на натпревари кој ни беше наметнат во досегашниот тек на сезоната. А данокот за тоа го плативме со поразот во Купот, меѓу другите објективни фактори“, вели екс-тренерот на МЗТ Скопје.
За крај на своето излагање, тој им посака на своите кошаркари многу среќа во остварувањето на предизвиците за оваа натпреварувачка сезона.
“И на крајот, би сакал да им посакам успех на играчите кои лично ги селектирав и во кои имам целосна доверба – тоа се врвни професионалци и одлични момци кои несебично се вложија да ја испишеме успешната спортска приказна на МЗТ Скопје Аеродром во последниве две сезони и со кои преку победите добивавме на резултат, а со попатните порази добивавме на карактер“, порачува Дарко Радуловиќ.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА