Фудбалската репрезентација на Алжир започна потрага по нов селектор по разделбата со Владимир Петковиќ, а според француските и африканските медиуми, прв избор на раководството е искусниот шпански стручњак Рафаел Бенитез.
Петковиќ ја напушти клупата на „Пустинските лисици“ по елиминацијата од Светското првенство, каде Алжир беше поразен од Швајцарија со 2:0 во осминафиналето. Набрзо по завршувањето на турнирот, двете страни спогодбено ја прекинаа соработката.
Бенитез, кој моментално е без ангажман, е означен како главен кандидат за нов предводник на алжирската селекција. 66-годишниот тренер последниот ангажман го имаше во грчки Панатинаикос, од кој замина во мај оваа година.
Шпанецот зад себе има богата тренерска кариера и работеше во повеќе европски гиганти. Најголемиот успех го оствари со Ливерпул, со кој во 2005 година ја освои Лигата на шампионите, а трофеи освојуваше и со Валенсија, Интер, Челзи и Наполи.
Покрај Бенитез, во конкуренција за селекторската позиција се споменуваат и други познати имиња, меѓу кои Роберто Мартинез, Чави Ернандез и Жозе Пезеиро.
Фудбалската федерација на Алжир сака што поскоро да го именува новиот селектор, со цел репрезентацијата подготвено да ги дочека квалификациите за Африканскиот куп на нации 2027 година.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА
