Во опширно интервју за шпанскиот канал, Бразилецот Рафиња се осврна на бројни теми, од неговата иднина во клубот, до Ханси Флик, до Ламине Јамал и летниот преоден рок.
Бразилецот игра во фантастична форма на почетокот од новата сезона. Тој веќе постигна двоцифрен број голови и е еден од најзаслужните за одличниот почеток на каталонскиот гигант. И покрај ова, неговото име не беше на листата на кандидати за најпрестижната индивидуална награда во светот на фудбалот.
„Искрено, мислам дека е неправедно што ниту Педри ниту јас не сме меѓу кандидатите за Златната топка. Не велам дека мораше да ја освоиме наградата, но верувам дека заслуживме да бидеме во натпреварувањето“, рече Рафиња.
Тој додаде дека изоставувањето не го скршило, туку го мотивирало дополнително.
„Секако дека човек чувствува разочарување, но не можам да ги контролирам таквите одлуки. Можам само да продолжам да играм најдобро што знам и да покажам на теренот дека вредам.“
Нема сомнение: Ламине Јамал ја заслужува Златната топка
Иако мисли дека е оштетен, Рафиња нема дилема кога станува збор за неговиот фаворит за Златната топка.
„Ламине мора да ја освои оваа награда. Нема друга опција. Со сета должна почит кон другите кандидати, тој е играчот кој покажа најмногу и заслужува признание. Прави работи кои се неверојатни. Кога го гледате, ве потсетува на чувството што го носеше Роналдињо – станувате од столчето и уживате во фудбалот.“
Рафиња откри дека сериозно размислувал да ја напушти Барселона по Копа Америка, но сè се промени со доаѓањето на Ханси Флик.
„Не бев сигурен дали да останам. Разговарав со клубот и размислував за заминување, но Флик ме убеди дека ќе ми даде важна улога.“
Тој го опиша германскиот стручњак како тренер кој го извлекува најдоброто од него.
„Од првиот ден, тој ми даде самодоверба. Ја промени мојата позиција на теренот, ми даде повеќе слобода и чувствувам дека го играм најдобриот фудбал во мојата кариера.“
Бразилецот нагласи дека денес е целосно фокусиран на Барселона и дека сака да продолжи да ја гради својата приказна на Камп Ноу.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА
