Рафиња стави точка на гласините: „Еден човек само лаже!“

Бразилецот Рафиња повторно се најде во центарот на шпекулациите за можно заминување од Барселона, по новите приказни за интересот на клубовите од Саудиска Арабија.

Но, бразилскиот репрезентативец одлучи јавно да одговори на гласините кои го следат од неговото пристигнување во Каталонија.

„Откако дојдов во Барселона, од првиот ден имаше шпекулации за моето заминување. Не мислам дека луѓето сакаат да ме видат тука. Особено медиумите… Има еден што само лаже“, рече Рафиња.

Бразилецот потоа отворено проговори за текстовите што се појавија во претходните месеци, тврдејќи дека некои од информациите се целосно измислени.

„Новинарот што го напиша тоа напиша и други работи за мене кои беа лажни, велејќи дека сум се сретнал со клубот, дека сум разговарал за мојата неодлучност интерно, дека не знам дали ќе останам или не… Тој човек само лаже!“, рече бразилскиот фудбалер.

Рафиња неодамна се врати на теренот по повредата што ја заработи додека играше за бразилската репрезентација, а сега е максимално фокусиран на крајот од сезоната и борбата за нова титула во Примера.

„Да бидам искрен, за мене е особено важно да ја освојам Примера, без оглед на ривалот“, истакна тој.

Иако е свесен колку дуелот со Реал Мадрид значи за навивачите на Барселона, тој нагласува дека освојувањето на шампионската титула е негов апсолутен приоритет.

„За навивачите, за оние кои се подолго во клубот, многу е посебно да можеме да ја освоиме титулата против нашиот најголем ривал. За мене, најважно е да ја освоиме Примера. И ако мора да биде против нив, уште подобро“, заклучи Рафиња.

Се вчитува...