Ракометарите на Словенија: Вујо ни земал пари? Колку глупава, злонамерна, навредлива лага!

Ракометните репрезентативци на Словенија реагираа на пишувањата на одредени словенечки медиуми кои се појавија со шпекулации дека, сега веќе поранешниот селектор, Веселин Вујовиќ им земал по 300 евра за играње покер.

По смената на Вујовиќ бројни приказни се појавија во јавноста околу тоа зошто е сменет црногорскиот стратег. Посебно интересно беше она за играњето покер на кое наводно „инсистирал Вујовиќ“ а секој ракометар морал да плати по 300 евра, со што на тој начин си купувал и место во екипата. Но, се е лага. Тоа го тврдат репрезентативците на Словенија кои се огласија преку заедничко соопштение.

„Таквите написи ги нарекуваме смешни и категорично ги демантираме. Таквите тврдења дека сме играле покер и сме му плаќале на Вујовиќ се навредливи, глупа и злонамерни, но пред се невистинити. Играчите се свесни дека нашите игри не беа на задоволувачко ниво последните години и поради тоа од раководството се одлучија на промени. Ракометарите никако не учествуваа во тие промени“ – се вели во соопштението на ракометните репрезентативци на Словенија, кои му се заблагодаруваат на Вујовиќ:

„Чувствуваме дека многумина сакаат да има пресметка во медиумите меѓу екипата и поранешниот тренер, но не може воопшто да има такво нешто. Ние само може да му заблагодариме на господинот Вујовиќ за огромниот допринос во нашата репрезентација во последните четири и пол години. Заедно со него се радувавме на Олимписките игри во Рио, и секогаш ќе се сеќаваме на тоа“.

Словенија, по отказот за Вујовиќ, и натаму е без селектор. Хуан Карлос Пастор, Алфред Гисласон и Урош Зорман се меѓу најсериозните кандидати за негов наследник.

Се вчитува...