Ракометарките и од Ниш се враќаат со пораз

Женската ракометна репрезентација на Македонија со пораз и без пласман го завршија настапот во квалификациите  за ЕП 2018 во Франција. Во последниот натпревар од овој циклус на гостувањето во Ниш, Македонија загуби од Србија со 35-30 .

Со четири порази во дуелите со Србија и со Шведска и две победи против Фарски Острови, македонските ракометарки завршија на третото место во групата. Србија со денешната победа го освои првото, а Шведска оди на ЕП како втропласирана. Фарски Острови останаа на последната позиција без бодови.

Избраничките на селекторот Симе Симовски имаа сила да се носат достојно со домаќинот само во првите дваесетина минути кога имаа и водство од 9-11. Но, потоа Србинките направија серија од 5-1 и го презедоа вопдството и контролата на играта. На полувремето домаќинките имаа водство од 16-13.

Доминацијата на Србија продолжи и во второто полувреме. Отворија со серија од 3-0 и го зголемија водството, а на средината од вториот дел стигнаа и до највисоки +10 (26-16) и го обезбедија триумфот за прво место во групата.

Овој натпревар беше последен во кариерата за македонската репрезентативка Мирјета Бајрамовска.

Се вчитува...