Ракометарките имаа сила само за едно полувреме против силната Шпанија

Женската ракометна репрезентација на Македонија доживеа убедлив пораз на домашен терен од силната Шпанија со 19-31 во натпревар од 3. коло во квалификациите за пласман на Европското првенство 2024 година. Нашите ракометарките поголемиот дел од првото полувреме го играа речиси во егал со „црвената-фурија“, но некаде таму од 25 минути следеше големиот пад, по кој Шпанките без проблеми ја завршија работата.

Откако првите два напади донесоа по еден гол на двете страни, уште на самиот старт главните судии на мечот се одлучија по првиот поостар прекршок на нашиот пикер Ивана Џатевска да и доделат исклучување од две минути. И покрај исклучувањето нашите девојки одиграа одлично во периодот со ракометарка помалку дозволувајќи му на противникот само еден постигнат гол, кој по пет минути игра имаше предност од 1-2.

Во следниот период иако избраничките на Грчевски беа тие што сега имаат играч повеќе на теренот, успеаја исто така да реализираат само еднаш, а по осум минути игра Шпанија за првпат стигна до плус четири (2-6). Следеше одличен период на Македонија, во кој во осум минути на гостинките не им дозволија гол, а со погодокот на Леонида Гичевска во 13. минута Македонија стигна на само минус еден (5-6).

 Сушата на Шпанките траеше цели седум минути, но сепак Македонија не успеа тоа да го искористи да израмни па со погодокот на Паула Аркос, Шпанија поведе со 5-7 во 16. минута. Следуваше нов пад на нашите ракометарки, по кој „црвената-фурија“ во 21. минута повторно стигна до највисоките плус четири (8-12). Шпанија како да уфрли во повисока брзина во финишот на првиот дел, па големиот фаворит во 29. минута за првпат стигна највисоките плус седум на мечот (10-17). До крајот на првиот дел погоди капитенката Ѓоргиевска за минус шест на полувреме (11-17).

Македонија катастрофално го стартуваше вториот дел. Шпанија направи низа во од шест гола по ред, па во 38. минута стигнаа до најголемите плус 12 (11-23). Првиот гол за нашата репрезентација во продолжението го постигна Сара Ристовска во 39. минута која намали на (12-23). До крајот избраничките на Амброш Мартин рутински го приведоа мечот за конечни 19-31.

Сара Ристовска со шест гола беше прво име во нашиот табор, а Кипријановска која доби само дваесетина минути одигра одлично завршувајќи го мечот со четири гола. Кај победникот најефикасна беше Кабрал Барбоса со седум гола.

Сепак, Македонија е во пол позиција за пласман на Европското првенство, па нашите ракометарки работата треба да ја завршат во мечевите против Aзербејџан и Литванија.

Се вчитува...