Ракометарките ја совладаа Литванија и направија голем чекор кон ЕП 2024

Женската ракометна репрезентација на Македонија направи голем чекор до ново учество на континенталните собири откако денеска во 2. коло славеше на гостувањето кај Литванија со 28-31. Како и во мечот во Скопје против Азербејџан, така и на гостувањето во Литванија нашите ракометарки стартуваа со негатива од 1-0. Во следниот период се играше гол за гол, а по пет минути игра резултатот на семафорот изнесуваше 4-4.

Нашите технички грешки, Литванија успешно ги користеше, па и по десет минути игра резултатот на семафорот беше нерешен (7-7). Мицевска конечно влезе во серија на одбрани, што нејзините соиграчки го искористија на најдобар можен начин за во 14. минута за првпат да стигнат до плус два (8-10). Во следниот период нашите ракометарки ја задржаа оваа предност па по дваесет минути игра на семафорот стоеше резултатот (11-13).  Македонија конечно заигра како што треба во одбраната, па во 24. минута со погодокот на Саздовска за првпат стигнавме до плус три (12-15), а во 28. минута за првпат беше и плус четири (13-17). До крајот нашите девојки направија две грешки во напад, кои Литванките ги искористија и на полувреме заминаа со само минус два 15-17.

Нашите ракометарки слабо го почнаа и второто полувреме, а со погодокот од пенал во 33. минута Литванија израмни на 17-17. Саздовска со својот нов гол ја прекина серијата од 4-0 на домаќинките и повторно ја донесе Македонија до водство од 17-18. По неколку минути гол за гол, нашите ракометарки со голот на  Ѓоргиевска во 39. минута повторно стигнаа до плус три (18-21). Нова глупост на нашите ракометарки, откако Кипријановска по еден тежок фаул доби директен црвен картон, а Литванките повторно дојдоа до израмнување 23-23. Сара Ристовска веднаш возврати и со својот осми гол повторно не донесе до водство (23-24). Нашите девојки заиграа конечно на ниво во одбраната, па со голот на Седлоска во 48. минута повторно стигнавме до плус три (23-26). Нашите девојки промашија три пенали во низа, но и тоа не успеаја да го искористат Литванките, па во последните шест минути се влезе со позитива на Македонија од 24-27. До крајот нашите ракометарки рутински го приведоа мечот за конечен триумф од 28-31.

Иако најефикасна во нашиот тим беше Риствоска со девет гола, дефинитивно најзаслужна за нашата победа беше Седлоска која мечот го заврши со осум гола и стоотстотна реализација. Кај Литванките Арчисевскаја заврши со девет погодоци.

Се вчитува...