Ракометарките поразени и од Португалија на МИ

Женската ракометна репрезентација на Македонија го забележа и третиот пораз во групната фаза на Медитеранските игри кои се одржуваат во алжирскиот град Оран. Овојпат подобри од „црвено-жолтите“ девојки беа Португалките со 19-17.

Првото полувреме помина во израмнета игра, а во финишот Португалките успеаја малку да се одлепат и да заминат на пауза со позитива од два гола 13-11. Во вториот дел силните одбрани беа епитет на двете репрезентации, а во една тврда игра подобро се снајдоа Португалките за конечен триумф од 19-17.

Најдобра во нашиот состав беше Теодора Дуковска која натпреварот го заврши со шест гола.

Македонија до крајот ја очекува уште мечот за седмото место во кое ќе се сретне со поразениот од дуелот меѓу домаќинот Алжир и Тунис.

Се вчитува...