Ракометарките поразени од Шведска

Македонија со пораз ги стартуваше квалификациите за ЕП 2020 откако нашите ракометарки вечерва убедливо загубија на гостувањето против Шведска со резултат 35-26. Сосема очекувано, скандинавската селекција ја потврди големата разлика во квалитет, не покажувајќи милост кон нашиот национален тим, кој со подмладен состав влегува во новиот квалификациски циклус. Како утеха  останува фактот дека по четирите двоцифрени порази од денешниот ривал, вечерашниот неуспех беше изразен со конечни девет гола разлика.

Почетокот мина во израмнета битка, по пет минути игра резултатот гласеше 3-3, а во 10. Минута Шведска водеше само со еден гол предност (6-5). Тогаш се појавија првите проблеми, исклучување заработи Јована Саздовска, па во наредните две минути скандинавските ракометарки стигнаа до водство од 8-5. Домашниот селектор не беше задоволен од изданието во одбрана на своите ракометарки, па во 14. Минута при водство од 8-6 побара тајмаут.

Македонија продолжи со добра игра, па со „проектилот“ на Елена Ѓоргиевска намали на 9-8 на половина од првото полувреме. Отпорот траеше токму до тој момент, бидејќи Шведска за помалку од четири минути направи серија од 4-0, се одлепи на 13-8 и го натера македонскиот селектор на тајмаут. Серијата на домаќинките за момент ја прекина Саздовска со својот прв гол, но одбраната воопшто не функционираше, па Швеѓанките заминаа на одмор со предност од убедливи 20-13.

Прашањето на победникот беше решено, па домашната селекција рутински го одигра второто полувреме. Нашите ракометарки немаа сили за посериозен камбек, разликата се движеше меѓу седум и девет гола се до половина од вториот дел, кога Шведска за првпат поведе со двоцифрена разлика (30-20). Во овој дел од мечот Македонија цели девет минути не успеа да постигне гол, а домашните ракометарки го искористија тоа за да стигнат до „плус тринаесет“, за на крајот Македонија со пенал во последната секунда да ја спушти разликата на девет гола (35-26)

Сара Ристовска со пет гола беше најефикасна во македонскиот национален тим, по четири постигнаа Стојановска и Ливриниќ, а по три пати мрежата на Шведска ја затресоа Јанкуловска, Гакидова и Ѓоргиевска.

Македонските ракометарки ќе пристигнат во Скопје во текот на утрешниот ден, а веќе в сабота ги очекува вториот меч од овие квалификации, на домашен терен против селекцијата на Чешка.

Се вчитува...