Ракометарките против Азербејџан за победнички старт на квалификациите за ЕП 2024

Женската ракометна репрезентација на Македонија со дуелот против Азербејџан на домашен терен, денеска ќе ги стартува настапите во квалификациите за пласман на Европското првенство 2024 година.

Репрезентативниот бек, Јована Кипријановска која во моментов настапува во Франција, пред мечот против Азербејџан вели дека ова е голема шанса за пласман на нов континентален собир.

„За нас ова е голема шанса за пласман на европското првенство во 2024 и мислам дека сите ќе дадеме максимум за да се пласираме на истото. Прв противник ни е екипата на Азербејџан која е непозната за нас, но се подготвуваме максимално за да го добиеме овој меч. Домашниот терен е исто така голем плус за нас и се надевам дека ќе ја исполниме малата сала во „Јане Сандански“. Сите сме мотивирани и подготвени да го оставиме срцето на терен и се надеваме дека ќе се прикажеме во најдобро светло“, изјави Кипријановска. 

Голманката Јована Мицевска размислува слично …

„Имавме неколку дена за да се подготвиме за првиот натпревар против Азербејџан. Гледавме видеа и верувам дека сме подготвени бидејми знаеме со каква репрезентација ќе се соочиме. Првиот натпревар секогаш е најважен, и затоа мора да се покажеме во најдобро светло. Нормално целта е пласман на Европско првенства, така да треба да дадеме се од себе и со победа позитивно да го отвориме овој квалификациски циклус. Верувам во оваа репрезентација и сите очекуваме успешен натпревар против Азербејџан“, изјави Мицевска. 

Натпреварот меѓу Македонија и Азербејџан кој ќе се игра во малата сала во СЦ „Јане Сандански“ е закажан за  18 часот.

Се вчитува...