Ракометарките на победа против Исланд за позитивен старт на квалификациите за СП

Македонската женска ракометна репрезентација денеска против Исланд ги стартува квалификациите за пласман во баражите за Светското првенство во Шпанија. Искусната Елена Ѓорѓиевска пред турнирот вели дека не треба да стравуваме од противниците, Исланд, Литванија и Грција, но мора да сме концентрирани единствено на нашата игра и желба за успех.

„По подолг период повторно сме во националниот тим со некои нови ракометарки, но стари желби за успех. Трипати по ред ги добиваме Исланѓанките за противнички, и може да ги издвоиме како фаворитки на турнирот, има огромен напредок во нивната игра, но не треба да стравуваме од ниту еден противник. Исходот на натпреварите најмногу ќе зависи од нас самите. Мислам дека нема да имаме проблеми за победи на овој турнир, иако јасно е дека мора приземно да ги очекуваме дуелите и секогаш со максимален ангажман на терен. Потоа во април посакуваме некој нормален противник за да дојде до сонот и пласман на Светското првенство во Шпанија“, вели Ѓорѓиевска.

Сара Ристовска вели дека, и покрај тоа што воопшто не се потценуваат противниците, Македонија ќе оди на три победи против Исланд, Литванија и Грција.

„Противниците ни се добро познати, воопшто не сакаме никого да потцениме но со дисциплинирана игра сакаме да дојдеме до три победи на овој квалификациски турнир. Имаме и промени во нашата селекција, подобра организација, како и нови млади ракометарки на кои ние поискусните се обидуваме насочувајќи ги да им помогнеме. Оваа репрезентација која е спој на младост и искуство има свои квалитети и верувам ќе ги демонстрираме на натпреварите кои престојат“, изјави Ристовска.

Натпреварот против Исланд во СЦ „Борис Трајковски“ се игра со почеток од 17 часот. Во сабота Македонија ќе се соочи во истиот термин со Литванија, а во недела е дуелот со Грција.

Се вчитува...