Ракометарките со победа над Литванија потврдија дека местото им е на ЕП

Женската ракометна репрезентација на Македонија со стил го потврди своето учество на Европското првенство во Австрија, Унгарија и Швајцарија, откако вечерва на домашен терен славеа против репрезентацијата на Литванија со 34-24. Иако со победата над Азербејџан нашите девојки изборија пласман на ЕП, вечерва сето тоа го потврдија со уште еден сигурен триумф.

И двете репрезентации почнаа слабо во нападот, па по три минути игра се уште на семафорот стоеја почетните 0-0. Првиот гол на мечот падна уште во четвртата минута откако Арчишевскаја постигна гол за гостинките (0-1). Нашите избранички веднаш возвратија преку Ризоска, а со првиот гол на Кипријановска во 5. минута првпат поведоа (2-1). Следеше и првиот гол на Саздовска по кој Македонија поведе и со два гола (3-1).

Литванките брзо возвратија, па во следниот период се играше гол за гол, а по петнаесет минути игра резултатот на семафорот изнесуваше (7-7). Нашите девојки конечно заиграа подобро па во 18. минута за првпат стигнаа до плус три (10-7), по што селекторот на Литванија, Каладинскас мораше да го побара првиот тајм-аут. Ниту тајмаутот не му помогна на противничкиот селектор, бидејќи избраничките на Грчевски продолжија со одличната игра, па во 22. минута стигнаа и до плус пет (13-8). До крајот на првиот дел нашите избранички стигнаа и до плус седум (16-9), а на пауза заминаа со предност од шест гола (18-12).

Нашите девојки одлично го отворија вториот дел, па набрзина успеаја да стигнат и до плус девет (23-14). Следеше мал пад на нашите ракометарки кои на противничките им дозволија да стигнат до само пет негатива (27-22) во 46. минута, по што селекторот Грчевски мораше да го побара својот прв тајм-аут во вториот дел. Грчевски со својот тајмаут ги разбуди своите избранички, кои заиграа далеку подобро во следниот период па на шест минути до крајот повторно стигнаа до плус осум (32-24). Македонија за првпат до двоцифрена предност стигна на влезот во последната минута со голот на Ризоска (34-24).

Ризоска и Седлоска со по шест гола беа најефикасни во нашиот табор, додека кај поразените Арчишевскаја постигна десет гола.

Се вчитува...