Ракометарките со полесен тренинг меч против Азербејџан ги стартуваа квалификациите за ЕП 2024

Женската ракометна репрезентација на Македонија со стил ги стартуваше квалификациите за пласман на Европското првенство кое следната година ќе се игра во Унгарија, Австрија и Швајцарија. Нашите девојки без поголеми проблеми во еден тренинг меч славеа над аутсајдерот Азербејџан со 40-17.

Откако Азербејџанките поведоа со 0-1, првиот гол за Македонија во овие квалификации го постигна Јована Саздовска која во 2. минута израмни на 1-1. Следуваше нова контра за нашите девојки по која Седлоска го донесе и првото водство на овој меч 2-1. Продолжија грешките на гостинките, а нашите ракометарки со нови два гола од контра првпат стигнаа и до плус три (4-1), по што следеше првиот тајм-аут за Азербејџан. Ниту тајмаутот не им помогна на Азербејџанките.

Нашите ракометарки продолжија да го полнат голот на противничките па по десет минути игра избраничките на Кристијан Грчевски за првпат имаа двоцифрена предност 12-2. Во следниот период нашите дами ја задржуваа предноста од десетина голови, а во 20. минута Македонија поведе и со плус дванаесет (18-6). До крајот на првиот дел имавме и плус четиринаесет (22-8), а на пауза се замина со позитива од 23-10.

Нашите девојки одлично го стартуваа и вториот дел. Го полнеа голот на гостинките од секоја позиција и по 35. минута за првпат стигнаа и до плус 15 (26-11). Доминацијата на избраничките на Грчевски продолжи и во следниот период, а за првпат до дваесет голови предност во 41. минута кога поведовме со 32-12. До крајот само рутински го приведовме мечот за конечен триумф од 40-17.

Сите наши ракометарки освен Гакидова се запишаа во листата на стрелците, а најефикасни беа Јована Саздовска и Андреа Седлоска со по седум гола. Кај поразените Марта Слеманова постигна пет гола.

Се вчитува...