Ракометарките со пораз од Црна Гора го стартуваа ЕХФ ЕВРО купот

Женската ракометна репрезентација на Македонија со пораз на домашен терен од Црна Гора со 22-29 го стартуваше настапот на ЕХФ ЕВРО купот. На моменти бевме на одлично ниво против една од најдобрите репрезентации во Црна Гора, но сепак на крајот немавме сила да го предизвикаме тимот во кој за волја на вистината недостасуваа и голем дел од ракометарките кои изминатите години играа важна улога.

И двете репрезентации го отворија мечот со слаба реализација во нападот. Нашите ракометарки промашуваа, додека Енигма за Црногорките беше Јована Мицевска која брзо запиша три интервенции. Црногорките по девет минути имаа предност од 0-2 само поради двата реализирани пенали на Матеа Плетикосиќ. Потоа следуваше и гол на Итана Грбиќ, а ние првиот гол го постигнавме дури во десеттата минута кога од седум метри прецизна беше Сара Ристовска.

Црногорките повторно стигнаа до позитива од плус три, но одбраните на Мицевска одлично ги материјализираа Гичевска и Ристовска и Македонија во 17. минута првпат стигна до реми 5-5.

Влеговме во лоша серија во последната третина од првото полувреме. Многу грешевме во нападот, нешто што на најдобар начин го искористија избраничките на Бојана Поповиќ и во 26. минута стигнаа до највисоки плус четири 7-11. Сушата од осум минути без гол ја прекина Јанкуловска која намали на 8-11, а до крајот на првите 30 минути Црногорките успеаја повторно да стигнат до највисоките плус четири 9-13.

Ристовска го стартуваше вториот дел на десен бек и заедно со Стојкоска и Гичевска внесоа немир во одбраната на гостинките и  за само шест минути игра успеавме да дојдеме до минус еден 14-15.

Сепак, следеше нов пад во играта на нашите избранички, по кој Црна Гора во 44. минута повторно стигна до највисоките плус четири 17-21, по кои Савевски побара тајм-аут. Ристовска во следниот напад не реализираше пенал, а Црногорките во 48. минута стигнаа и до полус шест 17-23. Продолжи лошата игра на Македонија, а во 56. минута при негатива од 20-27, деби во дресот на Македонија запиша и ракометното чудо од дете Ива Младеновска која со само четиринаесет години го запиша првиот меч во националниот тим.

Во нашиот табор Сара Ристовска и Леонида Гичевска со по пет гола беа најефикасни, додека нерешлива енигма за Македонија беше Итана Грбиќ која мечот го заврши со девет гола.

На 10. октомври „црвено-жолтите“ девојки ќе го одиграат и вториот меч против Црна Гора овој пат на гостински терен.

Се вчитува...