Ракометарките сонуваат за пласман на СП: Словенија не е несовладлив ривал

Женската ракометна репрезентација на Македонија вечерва во 20.15 часот ќе ја пречека Словенија во првиот меч од баражот за пласман на СП 2019 во Јапонија. Фаворитската улога им припаѓа на гостинките, но во секој случај ждребот им беше наклонет на нашите ракометарки, бидејќи Словенија е ривал со кого можат да се надигруваат, па со малку среќа и да го изненадат за да се пласираат на претстојниот Мундијал.

„Подготвени сме за овој двомеч. Ме радува што мотивираноста е на највисоко ниво, бидејќи од нас зависи како ќе се поставиме и како ќе играме. Влогот е голем – пласман на СП, но свесни сме и за пречката пред нас. Го почитуваме противникот, кој има одлични играчи, но верувам дека ако одиграме како што знаеме можеме да стигнеме до победа“ – порача македонскиот селектор Симе Симовски.

Последните официјални натпревари против Словенија нашите ракометарки ги одиграа во групната фаза од квалификациите за ЕП 2016. Тогаш по претрпениот убедлив пораз во Словенија од 35-17, „црвено-жолтите“ по голема битка загубија во Скопје со само еден гол разлика (21-22).

Реванш натпреварот од овој двомеч во баражот ќе се игра на 6 јуни во Целје.

Се вчитува...