Женската ракометна репрезентација на Македонија денеска со почеток во 17 часот во Букурешт ќе се сретне со соодветната селекција на Романија, во првиот дуел од двомечот од баражот за пласман на СП 2021. Јасно е дека противникот е фаворит, станува збор за репрезентација што учествувала на сите досегашни светски шампионати, национален тим предводен од една од најдобрите ракометарки на денешницата, Кристина Неагу.
Без оглед на тоа, од таборот на македонската селекција најавуваат дека без страв ќе влезат во денешниот натпревар. Македонија стигна до овој бараж благодарение на трите победи на претквалификацискиот турнир во Скопје, против Исланд, Литванија и Грција, што само ја зголемува самодовербата пред денешниот меч со Романките.
„Имавме одлична атмосфера за време на овие подготвки. Работевме доста напорно, имавме можност да гледаме неколку натпревари на Романките, мислам дека добро ги анализиравме. Свесни сме дека не очекуваат тешки натпревари, но со многу дисциплина во играта и голема одговорност верувам дека можеме да направиме изненадување и верувам во позитивен резултат“, изјави најдобрата македонска ракометарка, Сара Ристовска, во пресрет на денешниот дуел.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА