Ракометот во мирување – прекин и во групата Б

Ракометната сезона во Македонија е стопирана на неодредено време поради честите случаи на коронавирус во редовите на повеќе суперлигаши. Натпреварувањето во групата А беше стопирано уште пред извесно време поради масовните позитивни резултати во КЛ7, а во меѓувреме беа обелодети случаи на Covid-19 во уште неколку суперлигаши.

Откако епидемијата се прошири и во групата Б, со масовна заразеност во таборот на Работнички, беше донесена одлука да се прекине натпреварувањето и во оваа група.

„Целта е да се заштити колективното здравје на сите екипи. Последните информации кои ги добивме од РФМ велат дека Супер-лигата се одложува. Затоа е одложен и натпреварот против екипата на Тиквеш.  Се надеваме на што побрзо враќање на ракометот во Македонија и апелираме до сите клубови да се држат до сите препораки и да се почитуваат мерките со цел што побрзо враќање на ракометот во спортските сали“, објави РК Прилеп на официјалната страница.

Барем засега планот е најпрвин да се продолжи со натпреварување во групата А, која беше ставена во мирување уште во текот на минатата седмица. Сепак, се ќе зависи од скринингот на сите ракометари и членови на стручниот штаб по истекот на периодот од 15 дена, по што ќе биде позната и конечната одлука на РФМ, по консултациите со здравствените власти во земјата.

Претходно, од „куќата на ракометот“ донесоа одлука и за одложување на стартот на Првата лига, која требаше официјално да почне претстојниот викенд.

Се вчитува...