Еуро Никел во обид да го запре налетот на расположениот новајлија ТФТ

Богатата прволигашка програма овој викенд продолжува со натпреварот помеѓу Еуро Никел и ТФТ од 18 часот во „Јасмин“ каде домаќините ќе се обидат да го одбранат домашниот терен од налетот на новалијата кој по серијата на порази, новата година ја отвори со убедлива победа над Теодо.

За Еуро Никел ова ќе биде само вториот натпревар на домашен терен сезонава, па избраниците на Самарџиев се подготвени за одбрана на „фронтот“ и продолжување на победничката низа.

„Максимално сме подготвени за денешниот дуел. ТФТ е екипа која добро игра сезонава и не смееме да ги потцениме, а нашата предност е тоа што играме на домашен терен. Доколку ја наметнеме нашата игра и одиграме добро во одбраната, убеден сум дека на крајот ќе победиме“ – изјави Никола Караколев.

Избраниците на Смилковски на овој натпревар влегуваат на крилјата на убедливата победа над Теодо во БИБЛ лигата, па императивот е продолжување на триумфалната серија.

„По малата пауза што ја имавме одлично ни дојде победата со Теодо во БИБЛ, и покрај малите осцилации кои ги имавме во играта. На натпреварот против Еуро Никел влегуваме максимално мотивирани и сметам дека со добар пристап и енергија би можеле да издвоиме победа во Кавадарци“ – изјави Иван Сапунџиев.

Се вчитува...