Раул: Мојата тајна е што разговарам со играчите, не се изолирам од нив

Раул Гонзалес со трофејот освоен со Вардар во Лигата на шампионите најави дека е подготвен истиот успех да го повтори и како тренер на ПСЖ. Најбогатиот клуб во Европа го избра шпанскиот стратег за свој кормилар, а Раул почна со четири победи во низа, оправдувајќи ги очекувањата на самиот старт од новата авантура во неговата кариера.

„Јас сум нов тренер во овој клуб и нормално е да ни треба време за воигрување за моите идеи да можеат да се реализираат на теренот. Имам навистина добри играчи во Париз, но дури и тогаш мора да мине време исполнето со напорна работа за се да функционира беспрекорно“ – изјавува Раул.

„Ел команданте“ со самото прифаќање на понудата на „светците“ од Париз беше свесен дека притисокот ќе биде многу поголем отколку во Скопје.

„Секако дека има голем притисок, само погледнете ја лигата, колку е силна, буквално секој може да ве победи ако не играте добро. Тоа не беше случај во Македонија, каде можев да се фокусирам само на Лигата на шампионите. Организацијата на самиот клуб исто така е многу различна“ – вели Гонзалес.

Тој откри и дел од својата „тајна формула на успехот“, што му донесе резултат и европска круна во Вардар.

„Во Скопје научив дека треба да сториш се што можеш за доброто на колективот. Мојата тајна е што разговарам со играчите, дискутираме заедно за одредени детали, не ги изолирам ракометарите од одлуките што ги носам. Исто така, неопходно е и време за се да профункционира како што треба. Без оглед на победите, почетокот во ПСЖ не е лесен, играчите се навикнати на одредени методи и мораа целосно да го сменат „чипот“ во главата. Тешко е за нив, исто така и за мене, но свесни сме дека сите треба да се адаптираме за доброто на тимот“ – порачува актуелниот селектор на Македонија.

Се вчитува...