Реакција на Маленко по прозивките: Лицето Мане и тие со него како „крлежи“ се упикуваат на секоја власт и го уништуваат пливањето!

Александар Маленко, кој единствениот признаен претседател на Пливачката федерација на Македонија од најголемите интернационални пливачки организации ФИНА и ЛЕН, се огласи со соопштение преку официјалната интернет страница на ПФМ по најавите на генералниот секретар на паралелното раководство на ПФМ, Маријан Соколовски – Мане дека ќе поднесат кривична пријава против Маленко за лажно претставување.

Пливањето од поодамна ни е веќе „удавено“ како спорт, но тоа не е пречка двете раководства на ПФМ во кои има истакнати наши поранешни пливачки имиња преку соопштенија и прозивки за кривични пријави да се обвинуваат. Маленко е признаен од меѓународните федерации, а Дарко Нашков пак официјално заведен во Централниот регистар на ПФМ и поддржан од Агенцијата за млади и спорт.

 „Претставувајќи се како претседател во Пливачката федерација на Македонија и во ФИНА, самиот себеси си се демантира дека бил во својство на претседател, иако таа функција цело време му припаѓаше на Александар Почевски. Ние сакаме да спречиме тој повеќе да се појавува како претседател на ПФМ. Исто така ќе поднесеме кривична пријава против него, бидејќи тој се потпишал на два документи на кои не смеел да го направи тоа“ – изјави Марјан Соколовски во интервју за „Вечер“.

На сето тоа преку официјалната интернет страница на ПФМ се огласи Александар Маленко, кој вели дека Соколовски заедно со вечно искомплексираните Маниќ, Ангеловски…. во минатото само го уништиле пливањето во Македонија упикувајќи се како „крлежи“ на секој власт.

СООПШТЕНИЕТО ОД АЛЕКСАНДАР МАЛЕНКО ВИ ГО ПРЕНЕСУВАМЕ ВО ЦЕЛОСТ:

Со цел јавноста конечно да ја дознае вистината, како шлаг на торта дојде интервјуто објавено во дневниот весник Вечер на 23 јуни, со самопрогласениот ‘генерален секретар’ на ПФМ, Марјанчо Соколовски-Мане.

Немаме намера да трошиме време и зборови за одбрана, напротив, со само неколку реченици ќе ја доловиме состојбата што ја предизвикуваат вакви злобни личности, скриени за и во име на спортот!!!

Лицето ‘Мане’, потпомогнато од вечно искомплексираните (поради личните неуспеси во спортот и во приватниот живот) Александар Маниќ, Методија Ангелевски и уште неколкумина адекватни на гореспоменатите имаа водечка улога во ПФМ во 2005-2008 година, период кога не само што ја уништија, ја обезличија, туку ја задолжија ПФМ со 3,5 милиони денари, за што сведочи заемот од претседателот на ПФМ во тој период г. Зоран Алексов (тогашен директор на Централен регистар), кој по нивно барање (подготовки, учество на натпревари без исполнети норми), а со нивна согласност дека ќе ги вратат парите ненаменски потрошени од нивна страна, и го дава заемот на ПФМ, кој до ден денес Мане и Методија го немаат вратено!!!

Но ова е само еден дел од нивната злоба и штета што ги направиле кон ПФМ.

Нивната злоба и штета продолжува и понатаму, за што говорат нивните ‘успеси’ како тренери и спортски работници. Имено, своите клубови ги затворија (секој што беше во пливањето им беше виновен) за да се вдомат во базенот СРЦ Борис Трајковски-Карпош 2011-2018 г во ПК Бета-Скопје, каде што илјадници деца и родители до ден денес се изманипулирани во секој поглед – од резултатски до финансиски аспект.

На крај, ваквите СПОДОБИ, кои како крлежи и се упикуваат на секоја власт и функционери што водат спорт, се само со една цел – финансиски криминал во име на спортот (заштитени од функционерите на власт), под превезот ‘имаме вајлд карта и учество-шетња’, а за спортски резултат ќе кажеме треба време и трпение!!!

Поради сето ова горенаведено, јас, Александар Маленко, заслужен граѓанин и спортист на Македонија и претседател на Пливачката федерација на Македонија, додека сум жив нема да дозволам вакви СПОДОБИ да просперираат во пливањето и македонскиот спорт…

Се вчитува...