Реал го „украде“ Хернандез пред носот на Барса

Тео Хернандез ќе ја продолжи својата кариера во дресот на Реал Мадрид, откако денеска беше обелоденето дека левиот бек веќе ги минал и лекарските прегледи со медицинските лица на „кралскиот клуб“. Станува збор за млад и суперталентиран дефанзивец кој е член на Атлетико Мадрид, сезонава испратен на позајмица во Алавес.

Фактот дека вака квалитетен играч е достапен за отштета од 24 милиони евра (клаузула во договорот со Атлетико) го направи Хернандез интересен за бројни клубови ширум Европа, но општ впечаток беше дека Барселона убедливо води во оваа трка и Хернандез својата кариера ќе ја продолжи на „Камп ноу“. Сепак, шпанските медиуми денеска обелоденија дека „кралевите“ успеале да го „украдат“ новиот шпански бисер пред носот на големиот ривал, договарајќи ги сите детали од трансферот што ќе биде официјализиран на крајот од сезоната, откако Хернандез ќе настапи за Алавес во финалето од Копа дел реј, токму против Барса.

Со трансферот на овој 19-годишен играч воедно ќе биде прекршен и „пактот“ меѓу двата градски ривали, за Реал и Атлетико да не си купуваат играчи еден од друг. Хернандез ќе му биде втора опција на Зинедин Зидан на позицијата лев бек, зад Марсело, а неговото доаѓање ќе значи и дефинитивно заминување за Фабио Коентрао.

Се вчитува...