Реал и набива комплекс на Барса: Триумф и на кошаркарското „Ел Класико“

Реал Мадрид вторпат во два дена и зеде мерка на Барселона, триумфот на фудбалското дерби „кралевите“ вечерва славеа и во кошаркарската пресметка, и тоа среде каталонската престолнина со резултат 85-87. Пау Гасол дебитираше за Барса во Ендеса-лигата, Реал настапи без Габриел Дек, кој замина во НБА-лигата, но и со таков однос на силите „кралевите“ успеаја да стигнат до огромна победа.

Мечот беше супердраматичен, „кралскиот клуб“ водеше цел натпревар, а на 46 секунди до крајот се чинеше дека мечот е завршен бидејќи гостите имаа предност од 74-83. Сепак, каталонската фурија се вклучи на „максимум“ следеше неверојатна серија, па со тројката на Миротиќ Барселона дури и поведе со 85-84. Сепак, каталонците одиграа почетнички во одбраната кога беше најважно, Курич го пушти Лапровитола на влез, притоа и направи прекршок, па Аргентинецот му ја донесе на Реал конечната победа од 85-87.

Руди Фернандез со 13 и Лапровитола со 12 поени беа најефикасни кај „кралевите“, во чии редови дури 11 различни кошаркари се запишаа меѓу стрелците. Први стрелци кај Барселона при вечерашниот пораз беа Хигинс со 21 и Калатес со 18 поени.

Се вчитува...